Одбојка

Додека има теорија, има и надеж!

24.05.2014 13:32

Избраниците на Жарко Ристовски вчера ја победија Летонија со убедливи 3-0, по што имаат ист број бодови со Летонците...

И покрај проблемите во пресрет на квалификациите за Европското првенство во 2015-та, на два натпревара до крајот на втората фаза, македонските одбојкари имаат теоретска шанса да се пласираат во бараж. Клуч за таков успех ќе биде денешниот дуел со Словенија, домаќинот на вториот турнир во нашата група.

Избраниците на Жарко Ристовски вчера ја победија Летонија со убедливи 3-0, по што  имаат ист број бодови со Летонците, а два помалку од Словенците, кои неочекувано триумфираа над фаворитот Полска со 3-2 и тоа со пресрвт, откако противникот ги доби првите два сета. Токму тој епилог ја става Словенија во подобра позиција од нас затоа што покрај  подобриот бодовен ефект, во утрешното трето коло ќе се сретне со Летонија, а ние ќе истрчаме на теренот против Полјаците, кои се во врвот на светската одбојка.

На првиот турнир во Вроцлав, Словенија славеше во пресметката со нас со 3-2, иако Македонија водеше со 2-1. Ако црвено – жолтите изненадат во арената „Стожице“, тогаш само еден меч ќе решава за втората позиција во квалификациската група за учество на собирот во Бугарија и во Италија наредната година. Во другата денешна средба во Љубљана, во вечерниот термин, Полска ќе се сретне со Летонија, која исто така цели на бараж.

***

Квалификации за Еп 2015, група 1

Денеска:

16.00 Словенија - Македонија

19.00 Полска – Летонија

Утре:

16.00 Македонија – Полска

19.00 Словенија –Летонија

Табела:

1.Полска 10

2.Словенија 6

3.Македонија 4

4.Летонија 4