Државата треба многу повеќе да издвојува за науката, смета професорската фела од ФИНКИ
Без мали научни кадри не можеме да очекуваме развој на македонското општество во сите сфери. Поради тоа професорската фела од ФИНКИ смета дека државата многу повеќе треба да инвестира во науката, наместо најголемиот дел од парите за научно истражувачка работа и опрема да се црпат од европските фондови …

Најмалку 1 процент од буџетот треба да се издвојува за наука, бидејќи само на тој начин можеме да очекуваме развој на земјата. Ова е ставот на професорите од ФИНКИ кои сметаат дека треба да се работи во насока за формирање на фондови за научно-истражувачки проекти што ќе придонесе и за намалување на одливот на најспособните млади научни кадри.
„Во делот на истражувачки проекти повеќе се потпираме на европските истражувачки фондови коишто за среќа барем како факултет имаме доста успех во изминатите години, меѓутоа сметам дека сè уште треба да се работи. Не е лесно и патот е долг и тежок, секако тука треба да се размислува на некакви дополнителни проекти коишто би можеле да се финансираат нешто слично на Фондот за иновации“, изјави деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски.
Иако во изминатите две години има напредок во набавката на опрема и наскоро ќе биде отворена Национална лабораторија за истражување научната фела смета дека треба многу повеќе да се вложува во оваа сфера.
„Од различните европски земји колку се инвестира во сектор образование имаме подобрувања, но не сме на задоволително ниво, на тоа што го бара пазарот или што го бараат научниците коишто се дел од институциите“, изјави министерот за образование Јетон Шаќири.
Државата мора да изнајде начини за да ги задржи младите талентирани лица.
Како што велат професорите од ФИНКИ заминувањето на младите научни кадри од нашава земја понекогаш не е поврзано со платите, туку со условите за работа коишто ги нудат западните земји, каде што можат да напредуваат, а такви услови нашата земја не може да им пружи.
Сашо Нелоски
