Процес „Брдо-Бриони“

Усвоена заедничка декларација за европска иднина

11.09.2023 16:04

Забрзување на европските интегративни процеси за Западен Балкан, справување со климатските промени и спречување на раселувањето на младите. Претседателите од Балканот и од европските држави се сретнаа во Скопје во рамките на „Брдо-Бриони“ процесот. За ова е усвоена декларација...

Билатералниот проблем со Бугарија во последните три години ја покрива целокупната традиционална европска агенда за пристап, изјави претседателот Пендаровски по средбата со лидерите од Процесот Брдо Бриони. Шефот на државата изрази уверување дека оваа состојба ќе се промени, но порача – ако се инсистира Западен Балкан да ги реши билатералните спорови кои се потпираат на историја и емоции, ниту една држава нема да влезе во Европската унија.

Во декларацијата што ја усвоија, учесниците ја истакнаа итноста за користење на новата методологија на преговори која се базира на пристап кон Унијата заснован на заслуги.

„ЕУ, како и Западен Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкус можен рок, но не подоцна од 2030 година“ – пишува во декларацијата.

Во однос со ставот на францускиот претседател Макрон кој неодамна изјави дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“, тројцата претседатели се согласија дека не станува збор за официјален предлог до ЕУ но и ако биде формализиран, ќе остане без поддршка од голем број земји членки.

 

Анита Димитријевска – Велковска