свет

САД: 22 години од терористичкиот напад на 11-ти септември

11.09.2023 17:04

11-ти септември по повеќе од две декади не успеа да ги залечи раните од терористичкиот напад во САД. Роднините и пријателите на околу 3 илјади жртви се сеќаваат на кобниот септемвриски ден...

САД одбележуваат 22 години од терористичките напади на Светскиот трговски центар. На 11-ти септември 2001 година, 19 припадници на Ал Каеда – повеќето од Саудиска Арабија – киднапираа четири патнички авиони. Два се урнаа во кулите-близначки во Њујорк, трет во Пентагон и четвртиот падна во руралниот дел на Шенксвил, Пенсилванија. Загинале речиси три илјади луѓе. Американците секоја година ја одбележуваат годишнината од трагедијата која се смета за една од најголемите на нивна територија во поновата историја. Почит на жртвите им оддаде и политичкиот врв од Вашингтон.

„Всушност, не се менува. 21 година е исто. Го загубив татко ми. Не станува лесно. Истото се повторува секој ден. Боли“.

„Посакувам да не мораше да биде вака. Сè уште ме прогонува тој ден. Се обидувам да се смирам, да го надминам тоа и да продолжам, но сите церемонии на овој датум ме потсетуваат на тоа“.

„Сакав да дојдам. Помина многу време од последниот пат. Не сум згазнал на ова тло од октомври 2001-ва година“.

Покрај човечките жртви, терористичките напади предизвикаа огромна економска штета. На политичко ниво, многу земји донесоа нова легислатива за борба против тероризмот. САД заедно со своите сојузници објавија војна против теророт. Оттогаш се преземени големи воени, полициски и разузнавачки мерки за апсење и уништување на познатите терористички групи на глобално ниво, како и воено освојување на земји кои го поддржувале тероризмот–како што се Авганистан и Ирак.

 

Маја С. Филдишев