Профил Атлетико: Шанса што не смее да се пропушти
Кога во неделата над 200.000 навивачи на Атлетико се собраа кај фонтаната Нептуно и ги исполнија улиците во центарот на шпанскиот главен град прославувајќи ја првата шампионска титула во Ла Лига по 18 години, најспоменувано име не беше ниту она на инспиративниот тренер Диего Симеоне, ниту на најдобриот стрелец Диего Коста. Меѓу клупските фанови се уште најмногу се чувствуваше духот на човекот којшто има втиснато неизбришлива трага врз името и врз историјата на мадридскиот клуб..

Кога во неделата над 200.000 навивачи на Атлетико се собраа кај фонтаната Нептуно и ги исполнија улиците во центарот на шпанскиот главен град прославувајќи ја првата шампионска титула во Ла Лига по 18 години, најспоменувано име не беше ниту она на инспиративниот тренер Диего Симеоне, ниту на најдобриот стрелец Диего Коста. Меѓу клупските фанови се уште најмногу се чувствуваше духот на човекот којшто има втиснато неизбришлива трага врз името и врз историјата на мадридскиот клуб.. Селекторот под чиешто водство шпанија ја освои првата од трите последовни титули на големите настани, европската круна во 2008, Луис Арагонес, почина на 1 февруари на 75-годишна возраст, но остана икона на Атлетико којашто ќе ги обединува мадридските црвено-бели уште долго во иднината.
Арагонес беше дел од генерацијата на Атлетико којашто пред 40 години за малку пропушти да ја освои Европа. Четири децении приврзаниците на Атлетико не можат да ја преболат најтажната ноќ во клупската историја, кога само секунди ги делеа од блескавата слава. Наместо тоа, тогаш почна хет-трикот титули на Баерн, којшто иронично, многу лесно можеше никогаш да не се случи.
Германскиот гигант, со Франц Бекенбауер и со Герд Милер губеше со 1-0 кога финалето во Брисел влезе во последната минута од продолжението. Шест минути претходно, најголемиот играч на Атлетико на сите времиња, Арагонес, го постигна голот со којшто шпанскиот тим стави една рака на победничкиот пехар. Сепак, славјето не му беше судено, бидејќи пред самиот крај голманот Мигел Реина, таткото на сегашниот голман на Наполи Пепе Рејна, прими наивен гол од Ханс-Георг Шварценбек и така единствената можност побегна. Во тие денови пред да се изведуваат пенали по нерешен резултат, 48 часа подоцна Баерн триумфираше со 4-0 во повторениот натпревар и го почна тригодишното владеење со Европа.
Поразот во финалето таа 1974 не само што им ги скрши срцата на сите поврзани со клубот, туку во него внесе и култура на песимизам и на намалена верба во сопствените можности. Тоа резултираше со четири децении во коишто како да владееше самонаметнато проклетство. Трофеите дома и надвор беа реткост, повремени, повеќе исклучок отколку правило.
Сепак, револуцијата на Диего Симеоне полека ги менува околностите во шпанскиот главен град. Откако пред 2,5 години тој дојде во клубот, Атлетико има повеќе трофеи и од Барселона и од Реал. Ден по смртта на Арагонес изби на чело на табелата во Примера и иако накусо го напушти врвот, имаше доволно ментална цврстина да се врати на него и да остане до крај.
Успее ли овој пат да ја искористи шансата и ја освои ли првата европска круна, со што ќе го продолжи 12-годишното фрустрирачко чекање на Реал на посакуваната „Ла децима“, ќе може и категорично да се тврди дека балансот на моќта преоѓа во црвено-белата половина на Мадрид.
И не само тоа. Оваа саботна ноќ во Лисабон е најдобра можност којашто Атлетико ја има во последните 40 години за да ја почувствува европската слава. Ако се знае финансиската реалност во врвните нивоа на шампионската лига, ова е златната пригода којашто не смее да си дозволи да ја пропушти.
За да не се најде во ситуација да треба да чека уште четири децении до наредната.
