Со операта „Лидија од Македонија“ започнува новата сезона на Националната опера и балет
Операта „Лидија од Македонија“ е опера во два дела. Создадена е во 2001 година по нарачка од тогашниот Македонски народен театар. Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш...

Во сабота на 16-ти септември ќе се дигне завесата на Националната опера и балет со што ќе се отвори новата сезона 2023/2024 година.
На сцената ќе биде изведена обновената опера „Лидија од Македонија“ на композиторот Ристо Аврамовски која е една од најубавите македонски опери.
Операта „Лидија од Македонија“ е опера во два дела. Создадена е во 2001 година по нарачка од тогашниот Македонски народен театар. Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш.
Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од свети апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија. Тоа е библиска тема и се обработуваат настани што се случиле во тоа време.
Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Режисер е Пламен Карталов (Бугарија), обновата на режијата е на Трајко Јордановски, сценографијата е на Панче Минов, а костимографијата на Елена Дончева.
Во главните улоги ќе настапат: Наде Талевска-Спасовска во улогата на Лидија, Игор Дурловски во улогата на Павле, Драган Ампов во улогата на Силас, Марјан Николовски/Никола Стојчевски во улогата на Тимотеј, Васко Здравков во улогата на Ангелот човек, Ана Ројдева-Талевска/Катерина Стојановска – Асија, Александра Лазаровска-Василевски/Елена Голомеова – Агија и Марика Поповиќ/Соња Пендовск-Мадевска – Дина. Настапуваат Хорот и Оркестарот на Националната опера и Балет.
