Илјадници загинати и исчезнати во невремето „Даниел“ во Либија
Илјадници луѓе загинаа по силната бура „Даниел“, која од балканот се префрли во Либија, предизвикувајќи разорни поплави во неколку градови. Се стравува дека е голем бројот и на исчезнати. Властите соопштија дека не ги предвиделе размерите на катастрофата, и поради тоа земјата не била подготвена да се соочи со временска непогода од вакви размери, а луѓето не биле навреме евакуирани...

Илјадници загинати и исчезнати во невремето „Даниел“ коешто опустоши неколку медитерански земји. И натаму е најкритично во Дерна, Бенгази, Бајда и Ал Марџ – преудпреидја од либиската Црвена полумесечина. Уривањето на неколку мостови и брани ја влоши ситуацијата во одредени региони. Вонредната состојба и полицискиот час се и натаму активни.
Се затвораат училишта и нафтени пристаништа. Спасувачките операции се отежнати во областите кои се целосно под вода. Екипите веќе загубија неколку членови во поплавите и свлечиштата. Странските земји им нудат помош на либиските власти кои, пак, признаа – имавме пропусти, Либија не беше подготвена за ваква катастрофа.
Земјата е политички поделена меѓу истокот и западот, а јавните служби се распаднаа од бунтот кој во 2011 година беше поддржан од НАТО по што следуваа повеќегодишни судири. Меѓународно-признаената влада во Триполи не ги контролира источните региони. Тричлениот претседателски совет кој функционира како шеф на државата, бара поголема помош на меѓународно ниво.
„Само во Дерна се пронајдени над 1.000 загинати. Илјадници се исчезнати, околу 5-6 илјади, а бројот може да се зголеми значително. Се урнаа брани во јужниот дел на градот. Три моста се распаднаа целосно, поплавени се цели населби“, изјави Ахмед Ал Мосмари - портпарол на силите на Либија.
Невремето сега се движи кон северот на Египет, каде што во наредните денови се очекуваат поројни дождови. Поплавите се резултат на силниот систем на низок притисок којшто националните метеоролошки служби од Медитеранот го именуваа како бурата „Даниел“.
Ураганот претходно ја погоди Грција каде што имаше и жртви. Откако се придвижи кон Средоземното Море се претвори во медитерански циклон. Овие бури се карактеристични за регионот.
Маја С. Филдишев
