АЕК: 82,5% од домаќинствата имаат пристап до интернет

24.05.2014 14:20

Користењето на интернетот најмногу зависи од староста на лицата, но се забележува и значителна разлика во користењето на интернетот меѓу населението што живее во урбана и населението што живее во рурална средина...

Пристап до интернет имаат 82,5 проценти од домаќинствата, што е за 2,7 насто повеќе во однос на лани, додека 66,7 проценти од испитаниците лично ја користат оваа услуга приближно исто како и во 2013 година, покажува најновата анализа на Агенцијата за електронски комуникации.

Користењето на интернетот најмногу зависи од староста на лицата, но се забележува и значителна разлика во користењето на интернетот меѓу населението што живее во урбана и населението што живее во рурална средина, се вели во анализата.

Генерално, процентот на задоволни корисници од квалитетот и цените на услугите на интернетот е висок, но сепак, бележи мал пад во споредба со лани и тоа: во однос на квалитетот 3,5 проценти, додека во однос на цените 2,6 насто.

Најчести проблеми со кои се соочуваат корисниците на интернет се прекини и недостапност на услугата, 45,4 насто и непостојана брзина на конекција, 44,3 насто.

Во изминатите 12 месеци само 3,4 проценти  од корисниците на интернет промениле оператор.