Македонскиот џез-оркестар добива свој дом
Од 1-ви јануари „Куќата на џезот“ е новиот дом на оркестарот за џез-музика. Од Владата добија 200 илјади евра за реновирање и уредување на простор од 475 квадратни метри и санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната опера и балет...

Од 1-ви јануари „Куќата на џезот“ е новиот дом на оркестарот за џез-музика. Се вселуваат на нова адреса и простор за непречено творење. Од Владата добија 200 илјади евра за реновирање и уредување на простор од 475 квадратни метри и санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната опера и балет. Министерството за култура изработи основен проект. Џез-музичарите очекуваат да биде изработен според сите светски стандарди.
Министерката за култура Костадиновска – Стојчевска потенцира дека во делот каде ќе се вселат џез-музичарите, се наоѓаат и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет и Филхармонијата со што се комплетира и збогатува ова музичко окружување.
За формирањето на Националната установа оркестар за џез-музика беа потребни неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на оваа установа.
Пред оваа одлука, вработените во филхармонија протестираа, не дозволувајќи во нивниот објект како што велеа, наменски изграден да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата да биде сместена уште една институција.
Александра Спировска
