Русија

Ким: Се надевам дека заедно со Русите засекогаш ќе се бориме против империјализмот

13.09.2023 12:48

Путин го пречека севернокорејскиот лидер Ким. Доби поддршка за руската инвазија во Украина. САД предупредуваат за договор за снабдување со муниција за војната на Москва...

Кремљ потврди – средбата меѓу Ким и Путин е фокусирана на соработка во чувствителните области, но деталите нема да бидат објавени. Соопштението му претходеше на лидерскиот состанок на космодоромот во Восточни. Севернокорејскиот претседател и шефот на Кремљ се обидуваат да ги усогласат интересите во период на интензивирани конфронтации со САД. Вашингтон тврди дека Путин бара пристап до севернокорејските залихи со муниција кои би ги користел во војната во Украина. За возврат, Северна Кореја од Русија би добила модерна техника за сателити и атомски подморници, а и помош во храна.

„Почитуван претседателе, драго ми е што ве гледам повторно, добредојдовте во Русија. Овој пат се договоривме на космодромот на Восточни“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија

„Русија води света војна за да си ги одбрани суверенитетот, безбедносните интереси и правдата од хегемонистите. Секогаш на руската влада ѝ даваме целосна и безусловна поддршка за акциите. Во оваа пригода сакам да потврдам дека секогаш ќе стоиме до Русија на антиимперијалитсичкиот фронт“, изјави Ким Јонг Ун, претседател на Северна Кореја.

Дел од аналитичарите го толкуваат изборот на состанокот на космодромот „Восточни“ како симбол на амбициите на Русија за вселенска сила. Северна Кореја двапати не успеа да лансира извидувачки сателити во изминатите четири месеци, но успеа да истрела две балистички ракети со краток дострел кон морето. Во меѓувреме, јужнокорејската војска го зголеми надзорот во соработка со Соединетите држави.Рускиот министер за надворешни работи Лавров порача – нема веќе санкции за Северна Кореја.

Санкциите против Северна Кореја беа усвоени во целосно поинаква геополитичка средина. Имаше проблем и со почетокот на дијалогот и доста сериозни дебати во Советот за безбедност на ОН. Но по усвојувањето на последната резолуција, бевме категорични дека нема да има повеќе санкции за Северна Кореја. И нашите партнери од Кина го делат овој став“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Западните земји, Јужна Кореја и Јапонија ги сметаат за провокација пробите од Пјонгјанг.

 

 

Маја С. Филдишев