Бројот на жртви во поплавите во Либија се зголемува
Над 5.000 луѓе загинаа, а 10.000 се водат како исчезнати откако обилните дождови во североисточна Либија предизвикаа уривање на две брани, испраќајќи повеќе вода во веќе поплавените области...

Масовни гробници со жртвите од смртоносните поплави во Либија. Спасувачките тимови се мачеа да се справат со бројот на загинати во градот Дерна на истокот на земјата. Извлечени беа повеќе од 1.500 тела.
Според некои извештаи загинале повеќе од 5.000 луѓе. Поплавите пробија брани и однесоа цели населби во градот.
„Oва не е лесна мисија, особено што водата поплави големи области во источниот регион на Либија. Илјадници Либијци и Палестинци заробени под вода“, изјави Ахмед Ал-Дик - политички советник.
„Формиран е палестински тим за пребарување и спасување специјализиран за операции за спасување на вода. Стоиме со нашите либиски браќа и сестри. Се чувствуваме горди и почестени што го испративме овој тим да застане покрај нив и да помогне во нивните потреби“, изјави Авадах Јунис - палестинската цивилна одбрана.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, изрази сочувство до народот на Либија кој страда од разорната поплава.
„Генералниот секретар изразува искрено сочувство до либиските власти и семејствата на оние кои ги загубија животите како резултат на бурата „Даниел“, која, како што знаете, ја погоди источна Либија, предизвикувајќи огромни поплави. Невремето однесе илјадници животи, а илјадници други луѓе се пријавени за исчезнати“, изјави Стефан Дујарик- портпарол на ОН.
Се очекува трагичниот биланс да расте. Локалната власт ги повика младите Либијци, кои имаат медицинска стручност да помогнат.
„Моите мисли се со либиското население тешко погодено од дождови и поплави и многу смртни случаи. Ве повикувам да ми се придружите во молитвата за сите оние кои ги загубија животите, за нивните роднини и оние кои ги загубија своите домови“, изјави Папа Франциск.
Турскиот претседател Ердоган изрази солидарност со Либија и рече дека Турција ќе направи сè што е потребно за таа земји.
„За жал, информациите што ги добивме од терен навистина покажуваат како се случи огромна природна катастрофа таму. Турција нема да замине и ќе остане со своите либиски браќа со сите средства во овие тешки денови“, изјави Реџеп Таип Ердоган - претседател на Турција.
Спасувачките напори се попречени од политичката ситуација во Либија, поделена меѓу две ривалски влади. Дерна се наоѓа во источниот дел, со кој управува меѓународно непризнаена влада. Меѓу земјите кои најавија или веќе испратија помош се Германија, Италија, САД, Турција, Катар, Иран и Египет.
Марина Ристова
