Со молебен се заокружи чествувањето на Светите Кирил и Методиј во Рим
На гробот во базиликата се поклони државната делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Треба да се одбележи дека и на молебенот присуствуваат хрватскиот амбасадор, претставник од грчката амбасада, но и двајцата бугарски амбасадори во Италија и Ватикан...

Со молебен во базиликата „Свети Климент“ се заокружи чествувањето на Светите Кирил и Методиј во Рим. На гробот во базиликата се поклони државната делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Треба да се одбележи дека и на молебенот присуствуваат хрватскиот амбасадор, претставник од грчката амбасада, но и двајцата бугарски амбасадори во Италија и Ватикан.
Амбасадорот Марин Рајков за македонските медиуми изјави дека треба да се надминат предрасудите и да се зближат народните. Кирил и Методиј како што изјави Рајков, се придобивка на словенските народи. Инаку, бугарската делегација Денот на сесловенските просветители го чествуваше по македонската, а тогаш присуствуваа македонските амбасадори.
Треба да се напомене дека ова е прв пат бугарски амбасадори да присуствуваат на молебенот од македонска страна.
„Тоа е принципот на еден чекор којшто би можел да не одведе дајбоже до едно постепоено подобрување на дијалогот со цел изнаоѓање на решение. Решението е општо прославување на општата историја“, изјави Рајков.
Со молебенот чиноначалствуваше Владиката Европски Пимен, а присуствуваа огромен број луѓе од македонската дијаспора ширум Италија.
„Ние, во чест и спомен, и благодарност за сето тоа што го направил за нас и нашето описменување, туку и за новото покрстување што се прави во негово време, традиционално по 46 пат доаѓаме тука да се направи молебен“, изјави Владиката Пимен.
„Ваквото чествување е уште еден чекор напред за Република Македонија, за нејзиното политичко и државничко однесување, затоа што светот веќе нема граници и се обединува“, изјави Валентина Божиновска.
Претседателот Ѓорге Иванов по молебенот оствари средба со претставниците на македонската дијаспора, а треба да се спомене дека вчерашната изведба на балетската претстава „14 часа“ на Македонската опера и балет, помина извонредно, со громогласни аплаузи.
Миле А. Ристески, специјален дописник за МРТ од Рим
