Кривичен суд

Продолжува судењето за Ласкарци

14.09.2023 10:49

Вештакот Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење, денеска ќе биде испитуван од адвокатот Љупчо Мицевски, бранител на шестообвинетиот – возач на автобусот.

Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

Вештакот Љупчо Постолов, дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење, денеска ќе биде испитуван од адвокатот Љупчо Мицевски, бранител на шестообвинетиот – возач на автобусот.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13-ти февруари 2019-та се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019-та година и го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.