За што се задолжуваат граѓаните?

24.05.2014 17:19

Македонските граѓани на банките им должат една ипол милијарда евра по основ на кредитно задолжување...

Податоците на Народната банка покажуваат дека дури 900 милиони евра се долгови од потрошувачки кредити, кредитни картички и дозволени минуси на тековните сметки.

А токму потрошувачките кредити, според банкарите, се најчестата опција за која се определуваат граѓаните кога бараат позјамица од банките.

„Потрошувачките кредити главно се користат за подмирување на некои тековни потреби, како реновирање, набавка на бела техника итн“, вели Антонио Аргир од НЛБ Тутунска банка.

Расте и интересот за станбените кредити. Граѓаните признаваат дека со тешко срце се задолжуваат, но кога ќе се решат да барат банкарски заем, тоа најчесто го прават за купување стан.

„Се задолжувам да, за купување на стан за синот и за обични потреби... Да имам кредит, за ќерка ми да и помогнам... Сум земал порано и повеќе не земам кредити... Па за стан, некој зема кредит и на одмор да оди, за кола, кој има потреба така зема...“, велат случајно анкетираните граѓани.

Според податоците на банките, во изминатите години нагло паѓа побарувачката за автомобилски кредити, што се должи на слабата продажба на нови возила. Граѓаните се заситиле и со кредитните картички, наспроти зголемениот интерес за користење на минусот на тековните сметки.
 

Соња Јованова- Наумовска