ЛИБИЈА

Бројот на жртви по поплавите во Либија може да надмине 20 илјади

14.09.2023 12:37

Масовни гробници, исчезнати лица, раселени граѓани, по поплавите во Либија. Ситуацијата ја влоши уривањето на клучни мостови и брани...

Масовни гробници во Либија по рекордните поплави. Поради размерот на најсмртоносната катастрофа во поновата историја на оваа северноафриканска земја, властите со црна прогноза, бројот на жртви може да надмине 20 илјади. Десетици илјади веќе се раселени, а многумина се водат за исчезнати во свлечиштата и поплавените подрачја. Источниот дел го претрпе најсилниот удар од невремето „Даниел“. И натаму критично во Дерна, Суса и Бенгази.

„Ова е катаклизма која не може ни да се замисли. Мислевме дека се само поплави, но калта е најголемиот проблем. Телата се закопани под слоеви кал и отпад, високи три до четири метри. Се молиме за трпение на семејствата на загинатите и илјадниците исчезнати“.

Ситуацијата дополнително се влоши со уривањето на неколку клучни моста и брани. Голем дел од населението остана без струја и вода.

„Почна да врне околу 9 часот наутро. Но, во 2 часот додека бев дома водата почна да ги поплавува возилата на улиците“, вели локален жител.

„Јас сум од Алфајдија, 40 километри од Суса. Ни исчезнаа луѓе во долини, не знаеме дали се живи. Загрижени сме и за состојбата во Дерн“, рече друг.

„Треба да ни пратат булдожери. Мора да интервенираат и од Електродистрибуција. Од саботата немаме струја. И од Водовод треба да ги поправат цевките“.

Катастрофата ги обедини ривалските влади кои ја поделија Либија на источен и западен воено-политички блок по смртта на Гадафи, во 2011-та година. По долгогодишна борба за превласт, кабинетите во Тобрук и Триполи почнаа да ги координираат акциите за достава на хуманитарна помош. Поддршка пристигна од повеќе странски држави. Сметка и телефонски линии за донација за настраданите се отворени и во Црвениот крст на земјава.

 

Маја С. Филдишев