Македонија

Ковачевски: Новиот закон не дава амнестија на некој што сторил тешко кривично дело

14.09.2023 12:55

Премиерот Ковачевски очекува конструктивна дебата во Собранието. Министерството за правда испратило дописи, бара поддршка од пратеничките групи, со став дека алармантна е состојбата во казнено-поправните установи...

Со Законот за амнестија ќе се намалат затворските казни за лесни кривични дела и ќе се растоварат преполните затвори, вели Ковачевски. Очекува конструктивна дебата во Собранието. Министерството за правда испратило дописи, бара поддршка од пратеничките групи, со став дека алармантна е состојбата во казнено-поправните установи.

„Јас сметам дека тоа треба да се направи, бидејќи се работи за Закон којшто ги подобрува процедурите, ги забрзува процедурите. Не дава никаква амнестија на некој којшто направил тешко дело, точно наведени во самиот Закон. Затоа мислам дека не треба на блок да се отфрла, туку треба да се отвори парламентарна дебата“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Тој рече дека Владата ќе го разгледа законот на една од наредните седници и потоа низ процедура ќе биде пратен до пратениците, каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење, но нагласи дека никој нема корист од блокирање.