Здравство

Меџити: Размислуваме да го вратиме КАТО системот на Онкологија

14.09.2023 13:28

Јавноста ја чека вистината за скандалот на Онкологија, бара да знае чиј бел мантил бил извалкан. Протестите ќе продолжат до обелоденување на вистината. Министерот Меџити размислува да се врати КАТО системот. Во Собранието в петок треба да се формира анкетна комисија…

Онколошките пациенти ја бараат вистината за скандалот на Клиниката, откако во јавноста се отвори сомнеж за злоупотреби со биолошката терапија. Четворица нивни претставници се пријавиле одблиску да ја следат работата на Обвинителството. Новинарката Вања Мицевска, на која пред три години и бил дијагностициран канцер и која се лекувала на оваа Клиника, ги повикува сите кои имаат информации и докази да пријават во Обвинителство.

Таа ги разбира оние кои имаат резерва. Вели, тешки се чевлите на човек кој е онколошки пациент.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил контрола во Клиниката. Констатирано е дека во последниве 10 месеци немало пропусти, но, ова е согласно со надлежностите на Инспекторатот во однос на секојдневното работење. Меџити сè уште размислува, дали КАТО системот кој го мери дозирањето на терапијата, повторно треба да се врати во функција.

Во Собранието в петок треба да се формира анкетна комисија за случувањата на Онкологија. Телото треба да ја утврди хронологијата на настаните и да дефинира одговорност.

 

Наташа Јанчиќ Менковски