Ран скрининг кај трудниците за намалување на смртноста на новороденчињата
Новиот оддел на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство опремен со современи апарати за дијагностика и фетална терапија кои ќе овозможат ран скрининг кај трудниците...

Промовиран новиот оддел на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство опремен со современи апарати за дијагностика и фетална терапија кои овозможуваат ран скрининг кај трудниците. Со новата опрема, добиена со помош на грчката амбасада, ќе се редуцира и намали перинаталниот морталитет и морбидитет, соопштуваат од Министерството за финансии.
„Апаратите овозможуваат следење на плодот во текот на неговиот развој како и детекција на сите можни показатели кои може да доведат до несакани последици. Ова е пионерски чекор во нашето здравство, за што од голема важност е поддршката и соработката од нашите грчки пријатели, Министерството за надворешни работи на Грција, како и Фондацијата за фетална медицина, со чија помош ја реализираме Програмата за фетална медицина. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на амбасадорката на Грција и на грчкиот народ за подадената рака во усовршување на нашиот здравствен систем“, истакна министерот Меџити.
Трудниците ќе можат бесплатно да ги користат придобивките од оваа Програма и дополнително ќе се основаат и стручни усовршувања, односно ќе се отворат магистерски студии во областа на феталната медицина, што ќе се реализираат во соработка со Медицинскиот факултет во рамките на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Асоцијацијата за фетална медицина во Северна Македонија.
Министерот за здравство Меџити нагласи дека токму поради развитокот на феталната медицина на ГАК има значителен пад на бројот на мртвородени, посочувајќи дека во иднина со помошта на овој центар уште поубедливо овој тренд ќе продолжи.
