Османи: Мора да обезбедиме издржливост, визија и алатки за справување со итните предизвици
Османи во своето обраќање, зборувајќи за климатските промени, рече дека мора да се преземат итни заеднички мерки за ублажување на распространетите последици, споменувајќи ги страшните поплави во Бугарија, Грција, Турција, Словенија, Австрија и други земји; потоа шумските пожари во САД, Канада и неколку европски и азиски земји...

Климатските промени, доброто владеење и антикорупцијата, олеснувањето на трговијата и транспортот, обезбедувањето безбедност на храната, како и управувањето со ризици од катастрофи – беа централни теми во обраќањето на министерот и актуелен Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кој денеска во Прага го отвори Форумот на економската и еколошката димензија на ОБСЕ.
Османи во своето обраќање, како што соопштуваат од МНР, зборувајќи за климатските промени, рече дека мора да се преземат итни заеднички мерки за ублажување на распространетите последици, споменувајќи ги страшните поплави во Бугарија, Грција, Турција, Словенија, Австрија и други земји; потоа шумските пожари во САД, Канада и неколку европски и азиски земји, но и разорните земјотреси во Турција и неговата околина, како и најновиот во Мароко.
„Сите овие се страшни потсетници за итноста од координирани напори и плодна заедничка акција во корист на безбедноста на животната средина“, рече Османи.
Тој потсети и дека како Претседавач со ОБСЕ назначи и специјален претставник за климатски промени со цел дополнително подигнување на свесноста и изнаоѓање потенцијални решенија за ублажување на овие горливи предизвици.
Османи упати повик до земјите-учеснички на ОБСЕ на заедничко дејствување и одлучност во обезбедувањето заеднички решенија за луѓето и нивната иднина.
