Случај „Онкологија“

Обвинителството обезбеди обемен доказен материјал за Онкологија, во тек се распити на 20 пациенти

14.09.2023 14:22

Тим од јавни обвинители и истражители од скопското Обвинителство преземаат дејства за испитување на наводите што првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија...

Дваесет пациенти кои се лекувале на Онкологија телефонски се јавиле во Обвинителството да помогнат во истрагата со свои сознанија. Тим обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката, како и на двајца експерти. Оттаму велат – обезбеден е обемен материјал и документација и цврсти докази, кои се предмет на анализа. Се врши и проверка на медицинските истории на 40-ина пациенти.

„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство-Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, велат од Основното јавно обвинителство.

Ќе се бараат податоци од надлежните органи во Косово и во Албанија за пациенти кои се лекувале кај нас, како и евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји. Обвинителството во истрагата ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвиле ревизорскиот извештај и ги констатирале состојбите. За финансиската истрага задолжено е Министерството за внатрешни работи.

Обвинителството информира дека проверките се вршат поради сомнежот за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по наводите дека скапа биолошка терапија била продавана на црниот пазар.

 

 

Андријана Ѓурческа