Со Законот за амнестија ќе се намали товарот во пренатрупаните затвори, вели Ковачевски
Со Законот за амнестија ќе се намалат затворските казни за лесни кривични дела и ќе се растоварат преполните затвори, вели Ковачевски. Очекува конструктивна дебата во Собранието. Министерството за правда испратило дописи, бара поддршка од пратеничките групи, со став дека алармантна е состојбата во казнено-поправните установи. Податоците на Управата за извршување на санкции покажуваат дека од вкупно 2.345 затвореници, на слобода ќе излезат околу 250 луѓе кои се огрешиле пред законот...

Со Законот за амнестија ќе се намали товарот во пренатрупаните затвори и ќе се зголеми ефикасноста во работењето-вака премиерот Ковачевски го образложува предложеното решение од правда. Тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ не дава поддршка, според Ковачевски тоа се блокади без аргументи.
И додека министерот Лога преку соопштение тврди дека во неколку наврати правда до координаторите на пратеничките групи и до Мицкоски го испратиле Законот за амнестија со образложение дека состојбата во затворите е алармантна, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ било потврда дека власта се подготвува за опозиција.
И од Демократското движење велат дека засега не го виделе Законот за амнестија, но според нивните сознанија, има сомнежи дека не се работи само за растоварување на затворскиот систем.
Во меѓувреме за измените во Кривичниот законик со намалување на одредени казни кои власта ги направи во скратена постапка, со европско знаменце, меѓународниот фактор изнесе низа критики, дека се избрзало со измените и дека истите се контрапродуктивни.
Миле Ристески
