Регион

Бугарија во офанзива да прикаже постоење бугарско малцинство во Албанија

14.09.2023 14:46

Бугарската потпретседателка Илиана Јотова непосредно пред пописот во Албанија ќе го посети и Голо Брдо, каде живее македонското малцинство. Ова е уште еден обид за асимилација на Македонците и прикажување на непостојното бугарско малцинство, велат нашинците од областа. Премиерот Ковачевски е уверен оти пописот во Албанија ќе биде спроведен по сите европски стандарди...

Бугарија во офанзива да прикаже постоење бугарско малцинство во Албанија со отворање училишта на бугарски јазик во Елбасан, Острени. Тридневната посета на бугарската потпретседателка Илиана Јотова доаѓа непосредно пред пописот во соседната земја. Таа ќе го посети и Голо Брдо, каде живее македонското малцинство.

Премиерот Ковачевски уверува дека како држава ќе продолжиме да даваме поддршка на Македонците во Албанија. Тој е уверен оти пописот во соседната земја ќе биде спроведен по сите европски стандарди.

Ова е уште еден обид за асимилација на Македонците и прикажување на непостојното бугарско малцинство во Албанија, велат нашинците од областа Голо Брдо.

„Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас, Македонците во Голо Брдо. Добив покана од администраторот на Острени да учествувам на отворањето на некакво училиште во Острени, но одбив“, вели Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ.

Нашинците од Албанија велат дека бугарски претставници редовно ги посетуваат местата каде што живеат Македонци.

Ирина Гелевска