Директорката на Филхармонија е разрешена од функцијата
Тина Иванова е разрешена од функцијата прв човек на Филхармонија. На нејзино место назначен е Даниел Лазоровски. Од Култура тврдат дека има неправилности во нејзиното работење. Иванова отфрла, тврди единствена причина е што застанала зад ставовите на колективот...

Тина Иванова е разрешена од функцијата прв човек на Филхармонија. Во фотељата како в.д. седна Даниел Лазоровски. Од Култура велат, формирана комисија констатирала повеќе неправилности во нејзиното работење. Сменети и членовите на управниот одбор, според министерството не дејствувале навреме и не укажале за пропустите што ги правела.
„Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија. Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на управниот одбор на Филхармонија. Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и како врвна национална установа, мора да биде водена професионално“, велат од Министерство за култура.
Реагираше довчерашната директорка Иванова. Вели била разрешена од актуелната министерка не поради несовесно работење, туку поради непослушност бидејќи застанала на страната на колективот.
„Разрешена сум вчера, а не пролетоска, кога оркестарот на Филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет сè до вчера ги испраќаше во Филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот чин, но инспекциите не беа во можност да и го испорачаат бараниот материјал и истите не утврдија никакви неправилности во моето и работењето на институцијата“, стои во соопштението од Тина Иванова.
Разрешувањето на Иванова доаѓа по неколку месечни протести пред владините институции против одлуката новоформираниот џез-оркестар да се всели во просториите на националната филхармонија. Според разрешената директорка период во кој имало континуирани мобинг притисоци, навреди, обиди за понижувања.
Александра Спировска
