Моштите на Свети Кирил за прв пат изложени во Богданци
Дел од моштите на Свети Кирил денеска беа изложени во Католичкиот храм во Богданци. По овој повод се одржа света литургија на која присустуваа голем број верници. Изминатите 14 години светите мошти се наоѓаа во Скопје...

Со молитва и празнична радост, христијанските верници во Богданци први се поклонија и оддадоа почест пред светите мошти на сесловенскиот просветител Свети Кирил. Дворот и црквата на католичкиот храм беа преполни со верници кои од раните утрински часови доаѓаа на светата златоустова литургија посветена на свети Кирил и Методиј. И старо и младо денес оддаде почит пред светителот.
„Собравме сили да дојдеме, да се спремиме и да оддамеме почит на еден од најголемите празници за свети Кирил и Методиј“, вели жителка на Богданци.
„Мене ми се чини дека ова е голема чест. И еден голем собир и ми се чини дека и доста луѓе дојдоа, да се видиме“, вели друг верник.
Моштите, 14 години се наоѓале во Скопје, а денес првпат се изложени по повод 150 годишнината од постоењето на храмот во Богданци.
„Почитувањето на светците е поврзано со почитувањето на моштите. Како што почитувањето на светците има големо влијание врз духовниот живот, така и почитувањето на моштите има влијание врз внатрешниот живот“, изјави бискупот, д-р Кирил Стојанов.
По 11 векови, светите мошти се враќаат во близина на родниот град на Кирил и Методиј, потенцираше бискупот Стојанов, додавајќи дека со сертификатот на црковните власти од Ватикан се потврдува дека моштите кои ги има Македонија се дел од самото тело на светителот.
Катерина Давчева
