Влада

Ковачевски: Интензивно се гради делницата Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10-д

14.09.2023 15:52

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод интензивирањето на градежните работи за изведба на автопатот Прилеп-Битола, при што се изврши минирање...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод интензивирањето на градежните работи за изведба на автопатот Прилеп-Битола, при што се изврши минирање. На настанот присуствуваа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и оперативниот директор на „Бехтел“, Џош Бејкер...

„Со изведбата на овој патен правец ќе добиеме најмодерно автопатско решение во должина од 40 километри и со тоа практично ќе биде заокружена една голема градежна инфраструктурна офанзива во однос на нови, модерни автопатишта во нашата држава. Како што знае јавноста, знаат граѓаните, во полн ек се изведуваат градежните работи на патните правци Градско – Прилеп каде што пред само неколку дена имавме можност да го видиме пробивањето и на вториот тунел на Фаришка Клисура. Исто така, се одвиваат работите и на патниот правец кој води кон Фаришка Клисура, што значи дека со завршувањето на сите овие патни правци ќе имаме комплетно автопатско решение од Коридорот 10, исклучување кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница“, истакна премиерот Ковачевски во неговото обраќање на настанот, додавајќи дека овие зафати на граѓаните од овој регион им биле ветувани со децении, но досега не биле реализирани.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на настанот, истакна дека градежните активности на терен добиваат своја динамика.

На настанот се обрати и вршителот на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изјави: „Сите заедно со денешното минирање и почетокот на изградбата на пристапните патишта сме дел од испишување на нова историја во патната инфраструктура. На сите траси непречено се одвиваат и геомеханичките испитувања, а до проектната единица веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа-Струга-Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а се очекуваат и елаборатите и за Прилеп-Битола“, подвлече директорот Рустеми на денешниот настан.