Што донесе средбата Путин-Ким?
Средбата меѓу лидерите на Русија и на Северна Кореја, Путин и Ким Џонг-Ун, ја зголеми загриженоста на Западот за воената соработка помеѓу двете земји. Вашингтон предупреди дека ќе воведе санкции доколку падне договор меѓу Москва и Пјонгјанг за испорака на оружје...

Ким го поканил Путин да ја посети Северна Кореја. Двете земји ја подигнаа соработката на „ново ниво“. Ким бил информиран за техничките детали за руските вселенски летала, а станало збор и за набавка, трговија со оружје и техничка помош за програмите за оружје меѓу двете земји.
„Проблематично е што Русите зборуваат за соработка со Северна Кореја во програмите кои може да ги нарушат резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации за кои гласаше и Русија“, изјави Метју Милер портпарол на Стејт департментот.
„Постои можност дека ќе се прекрши релевантната резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која целосно се забранува набавка на оружје и залихи за Северна Кореја“, изјави Јоко Камикава министер за надворешни работи на Јапонија.
Според Кремљ, се разговарало и за испраќање севернокорејски космонаут во вселената.
„За Путин, јасниот предизвик со кој се соочува е директната загриженост дека нема доволно муниција за бојното поле“, изјави Џон С. Парк раководител на проектот Кореја на универзитетот „Харвард“.
Разговорите се фокусирале на проширување на воената соработка на двете земји во интензивирање на конфронтациите со Западот. Стејт депарментот предупреди дека ќе воведе санкции ако има договор за оружје меѓу Москва и Пјонгјанг.
Марина Ристова
