Протестен марш во Скопје на семејствата на загинатите во пожарот во модуларната болница
Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово преку прес-конференција најавија дека ќе продолжат со јавни протести поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството...

Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово преку прес-конференција најавија дека ќе продолжат со јавни протести поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството.
Тие минатата недела на двегодишнината од пожарот организираа протест и марш во Тетово, а новиот протест го најавуваат за денес. На 5 јуни 2023 заврши судскиот процес за кривичните дела поврзани со пожарот во модуларната болница Тетово. Условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека, правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сè уште води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници.
Маршот ќе започне од 14 часот од плоштадот „Скендербег“ во Скопје и ќе заврши пред Јавното обвинителство, велат организаторите.
