Хан: Северна Македонија е на одличен пат кон ЕУ, партиските интереси да се стават на страна
Тој повтори дека евроинтеграцијата и натаму останува процес базиран на заслуги. Нагласи и дека не треба да се носат избрзани законски решенија, како и дека владеењето на правото мора да се почитува.

Северна Македонија денес е на одличен пат кон ЕУ. Но, би сакал да пренесам порака до сите политички сили во земјата – соработувајте. Ова е тимска задача, треба заедно да работите, инаку нема да бидете успешни, порача еврокомесарот за буџет Јоханес Хан, во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).
Тој повтори дека евроинтеграцијата и натаму останува процес базиран на заслуги. Нагласи и дека не треба да се носат избрзани законски решенија, како и дека владеењето на правото мора да се почитува.
Според него, обединувањето на Европа ќе се комплетира само кога сите земји од европскиот континент ќе станат членки на ЕУ.
Вие сте дел од континентот, сте и треба да станете полноправен член на европското семејство. Токму тоа се обидуваме да го постигнеме што е можно побрзо. Нешто мора да се стори за ова да се постигне. Сакам да ве уверам дека во ЕУ сега имаме нова динамика која беше поттикната од агресивната руска војна во Украина. Мора да се обединиме како семејство, а вие сте дел од тоа семејство, потенцира еврокомесарот Хан.
Додаде дека и ЕУ треба да си ја заврши домашната задача во своите земји кои уште не се таму каде што сакаат да бидат.
Важно е да се разбере дека ЕУ е придржување до заедничките вредности, интереси, перспективи и разбирање за тоа како ги гледаме поединците. Затоа, владеењето на правото не е наша опсесија, туку предуслов. Аспектите поврзани со владеењето на правото треба да се спроведат, нагласи еврокомесарот Хан.
Европа не е само за економија и бројки, туку и за вредности. Европа почна како економска заедница, но со право се претвори во ЕУ – тоа е политички проект базиран на заеднички вредности, цели и разбирање за тоа како треба да се гледа човекот како поединец – да има можност да гласа, да избере. Мислам дека е важно ова да се сфати, ЕУ не е банкомат, туку нешто повеќе од тоа, тоа се заедничките вредности, порача Хан.
