Кралство Саудиска Арабија

Костадиновска-Стојчевска: Охридскиот Регион останува на листата на УНЕСКО

15.09.2023 12:02

45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, на која вчера беше соопштена Одлуката на Комитетот дека Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство...

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, присуствува на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, на која вчера беше соопштена Одлуката на Комитетот дека Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство. Во македонската делегација во Ријад се и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.

Костадиновска-Стојчевска, вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажа благодарност што Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

Министерката за култура упати благодарност до земјите членки на Комитетот за светско наследство што ги препознаа, ги уважија и ги валоризираа нашите напори, како и до сите вклучени во процесот на зачувување на статусот на Охридскиот Регион – членовите на работните групи, експертите, министерствата, општините, граѓанскиот сектор – за професионалната и искрена соработка во изминатата година и пол.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изрази благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и затоа ни го обезбеди потребното време да продолжиме да правиме значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.