Здружение на млади правници

Измените на КЗ не носат поефикасно судство

15.09.2023 12:42

Од Здружението на млади правници со реакција за последните измени на Кривичниот законик. Сметаат дека ваквото решение ќе донесе раст на корупцијата и ќе влијае врз издржувањето на затворските казни...

Намалувањето на затворските казни и проширената конфискација не се гаранција дека ќе нема застарување на кривичниот прогон, а судовите поекспедитивно ќе работат – велат од Здружението на млади правници. Последните измени на Кривичниот законик, според нив, ќе доведат до раст на корупцијата и ќе влијаат врз издржувањето на затворските казни. Измените на КЗ опфатија 38 члена. За 35 власта рече дека се усогласување со европската регулатива.

Ако законодавецот сакал да стави акцент на проширената конфискација, тоа можел да го стори без намалување на пропишаните казни, затоа што тие две работи не се исклучуваат меѓусебно, велат од Здружението.

Откако низа експерти и здруженија рекоа дека не биле консултирани околу законските измени, двата највисоки суда во земјава – уставен и врховен потврдија дека не биле прашани за мислење.

Загриженост има и кај меѓународните партнери. Европската комисија стравува дека некои од измените носат ризик на намалување на неказнивоста.

Реакција предизвикаа интервенциите во членовите кои опфаќаат – злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничко здружување бидејќи се намалија казните за двете кривични дела.

 

Анита Димитријевска – Велковска