СЕФФ 2023

Грковска: Со практикување на принципите на добро владеење може да ја донесеме Европа сега и веднаш

15.09.2023 13:26

Грковска се осврна на потребата од зајакнување на правосудниот систем преку надминување на проблемите кои се забележани во сите релевантни извештаи и проценки, како и со понатамошно унапредување на јавната администрација, за ефективно и ефикасно да ја исполнува својата улога како сервис за граѓаните и компаниите.

„Доброто владеење е суштинско за секоја успешна земја, особено во контекст на ЕУ-интеграциите. Тоа ги содржи принципите на транспарентност, отчетност, ефикасност, инклузивност и интегритетот како основна вредност. Со практикување на овие принципи и вредности, може да ја донесеме Европа сега, веднаш, без да чекаме имплементација на реформите“, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, на третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ во организација на Министерството за финансии.

Грковска се осврна на потребата од зајакнување на правосудниот систем преку надминување на проблемите кои се забележани во сите релевантни извештаи и проценки, како и со понатамошно унапредување на јавната администрација, за ефективно и ефикасно да ја исполнува својата улога како сервис за граѓаните и компаниите.

„Тоа се столбовите врз кои се гради доброто управување. Со тоа создаваме цврста основа не само за напредок во економијата, туку и за просперитет на сите општествени нивоа. И тоа го отвора патот за успешна интеграција во ЕУ, како главна стратешка цел за нашата генерација и за оние кои ќе дојдат после нас“, изјави вицепремиерката Грковска.

Таа се осврна и на потребата континуирано да ги потсетуваме нашите граѓани на трансформативната моќ на интеграцијата во ЕУ, бидејќи таа останува сила за позитивни промени, која ги зближува луѓето, го поттикнува економскиот раст и промовира демократски вредности. Со тоа, пристапувањето кон ЕУ е единствениот сигурен пат кон подобар животен стандард и подобра средина за нашиот економски и социјален напредок.