Разговорите меѓу Белград и Приштина повторно без напредок
Белград и Приштина повторно не успеаја да постигнат договор. Советникот на Курти објави документ за кој тврди дека на средбата во Брисел на косовскиот премиер и српскиот претседател Вучиќ, им бил презентиран документ насловен „Опција А1“. Белград и Приштина со политичко надмудрување. САД и ЕУ разочарани од неуспехот на дијалогот...

По вчерашната рунда преговори во Брисел, Белград и Приштина повторно не успеаја да постигнат договор. Вучиќ и Курти секој на свој начин толкува што било на маса.
„Разговорите завршија неуспешно во смисла на изнаоѓање јасен пат кон нормализација на односите. Сите имаме своја агенда, на крајот Србија го прифати компромисниот предлог на Европската унија. Курти не сакаше да го прифати и средбата заврши“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Курти ја обвини Србија за прекинот на преговорите.
„Ова е трет предлог на Косово, прв мој предлог како премиер на Косово. Српската страна не донесе никаков предлог. Европските олеснувачи и посредници открија дека во основа нема таков предлог“, изјави косовскиот премиер, Албин Курти.
Европската унија ги отфрли наводите на Курти дека тој е единствениот што излегол со предлогот на последната рунда од дијалогот. По средбата, високиот претставник на ЕУ за Борел, изјави дека косовскиот премиер не го прифатил компромисниот предлог на ЕУ.
„Страните се согласија да ги спроведат сите свои обврски од договорот и неговиот анекс. Шест месеци подоцна, беа разгледани само три елементи. Од договор се вративме на ескалации. Формирањето на здружението е стара обврска за партиите и клучен елемент во процесот на нормализација. Затоа е клучно преговорите и конечно да почнат, без натамошно одлагање“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.
И во американскиот Стејт департмент разочараност од неуспехот во дијалогот Приштина – Белград.
Советникот на премиерот на Косово објави документ за кој тврди дека на средбата во Брисел на Вучиќ и Курти, од посредници во дијалогот им бил презентиран документ во кој се наведува дека до крајот на март, менаџерскиот тим со поддршка на ЕУ ќе го претстави првиот нацрт-статут за Заедницата на српски општини.
Марина Ристова
