Ковачевски: Од нас зависи колку брзо ќе ги исполниме условите, нашата цел мора да остане ЕУ
Македонија е на одличен пат кон Европската унија, партиските интереси да се стават на страна, а политичките сили да работат заедно на конечната цел-порака од Јоханес Хан од економскиот форум во Скопје. Од нас зависи колку брзо ќе ги исполниме условите, нашата цел мора да остане ЕУ, вели Ковачевски…

Местото на нашата држава е во Европската унија, каде се најдобрите и најразвиените. ЕУ е отворена за брза интеграција. Сега е време за носење одлуки, не за уставни промени, туку дали сме за членство во ЕУ, порача премиерот Ковачевски од третиот економски и финансиски форум во Скопје.
Северна Македонија е на добар пат за членство, но приемот е врз основа на заслуги, посочи еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан. Укажа дека е важно сите главни партии да работат на последниот услов за евроинтеграцијата, согласно со националните, а не партиските интереси.
Членството во ЕУ ќе донесе зголемени инвестиции, економски раст и подобар стандард за граѓаните, истакна домаќинот на форумот министерот за финансии Бесими.
Приемот во ЕУ значи и прифаќање на европските вредности, порачаа учесниците на форумот. Владеењето на правото е клучна вредност за што се потребни реформи на правосудниот систем, но домашните и европските политичари се разликуваат во ставовите како да се направат тие реформи.
Премиерот Ковачевски вели измените на законите се брзи за доближување до европското законодавство, додека еврокомесарот Хан побара да не се брза и да не се носат закони без широка дискусија.
Ирина Гелевска
