ВМРО-ДПМНЕ против измените во КЗ и Предлог- законот за амнестија
ВМРО-ДПМНЕ е против измените во Кривичниот законик и новиот предлог за амнестија. Постои јасна коалиција меѓу политичките и вистинските криминалци-оценка на Мицкоски. Најави дека партијата подготвува ново законско решение. Од Здружението на млади правници сметаат дека ваквото решение ќе донесе раст на корупцијата и ќе влијае врз издржувањето на затворските казни...

Со вкрстување на базите на УЈП и катастар со имотната состојба на граѓаните и нивните финансиски приливи, ќе излезе на површина реалната слика за имотот на поединци. ВМРО-ДПМНЕ крои законско решение кое со помош на постојната регулатива ќе детектира каде има енормно богатење. Лидерот на партијата Мицкоски вели оти целта е да се провери како млади луѓе со поскромни примања располагаат со мултимилионски имот, а од нив ќе се бара и докажат како го стекнале.
Намалувањето на затворските казни и проширената конфискација не се гаранција дека ќе нема застарување на кривичниот прогон, а судовите поекспедитивно ќе работат – велат од Здружението на млади правници. Последните измени на Кривичниот законик, според нив, ќе доведат до раст на корупцијата и ќе влијаат врз издржувањето на затворските казни. Измените на КЗ опфатија 38 члена. За 35 власта рече дека се усогласување со европската регулатива.
Откако низа експерти и здруженија рекоа дека не биле консултирани околу законските измени, двата највисоки суда во земјава – уставен и врховен потврдија дека не биле прашани за мислење.
Загриженост има и кај меѓународните паретнери. Европската комисија стравува дека некои од измените носат ризик на намалување на неказнивоста.
Реакција предизвикаа интервенциите во членовите кои опфаќаат – злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничко здружување бидејќи се намалија казните за двете кривични дела.
Анита Димитријевска – Велковска
