Анкетна комисија ќе го расветлува случајот „Онкологија“
Случајот „Онкологија“ стигна до пратениците. Формираа Анкетна комисија со која треба да се утврди политичка одговорност на владини и здравствени функционери поврзани со аферата …

Утврдување на политичка одговорност на владините и здравствените функционери поврзани со скандалот на Клиниката за радиологија и онкологија – цел на собраниската Анкетна комисија. Ќе ја утврдува хронологијата на настаните, како и дали постои прекршување на уставните и законските одредби.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со скандалот кој се случи на Клиниката се загрозени основните права на граѓаните загарантирани во Уставот. Потребно е во најбрз рок да се расветли случајот и да не се генерализираат сите здравствени работници само поради неколкумина кои се почувствувале дека се над законот-вели Милошоски.
Илира Даути од Алијансата на Албанците од чии редови е актуелниот министер за здравство, смета дека одговорноста треба да се прошири и во изминатиот период кога со здравството раководеле министри и од други политички партии.
Социјалдемократите со став за брзо и транспарентно расветлување на случајот, но и апелираат истиот да не се злоупотребува за партиски поени.
Следната недела се очекува предлог-одлуката за основање на Анкетната комисија да се стави на дневен ред на собраниска пленарка.
Во меѓувреме тим од јавни обвинители од Основното јавно обвинителство преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера на Клиниката за онкологија. Јавното Обвинителство ја прошири предистрагата со институции од Косово и Албанија, а вклучена е и Агенцијата за финансиско разузнавање.
Марина С. Тонева
