Скопје

Денеска голем Аеромитинг по повод 100 години македонска авијација

16.09.2023 08:11

Свеченото отворање ќе започне во 11:00 часот со поздравен говор на Премиерот Ковачевски, Амбасадорот Силвестри и на претставници на Аероклубот – Скопје...

Аероклубот Скопје ќе прослави сто години македонска авијација, со голем Аеромитинг, кој ќе се одржи на спортскиот аеродром Стенковец. Свеченото отворање ќе започне во 11:00 часот со поздравен говор на Премиерот Ковачевски, Амбасадорот Силвестри и на претставници на Аероклубот – Скопје.

Потоа ќе следат акробатски летови, скокови со падобран, прелети на воени и цивилни воздухоплови, a на аеромитингот ќе учествуваат и многубројни цивилни и воени летала од земјите на регионот и пошироко. Италија, којашто исто така оваа година прославува стогодишнина од создавањето на Воените воздухопловни сили, чии авиони „Frecce Tricolori“ или „Тробојни стрели“ важат за најдобра аеробатска ескадрила во светот, со задоволство ќе учествува на настанот со прелет на воен ловец „Еурофајтер“.

Италијанското учество на настанот – отворен за сите вљубеници на воздухопловството – е дел од иницијативите промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје за одбележување на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Италија и Северна Македонија.