Охрид

Според бројот на странските туристи нашата земја водечка во регионот

16.09.2023 10:24

Охрид ја доживува една од најуспешните туристички сезони во својата историја, а нашата држава според статистичките податоци е најпривлечна за странците туристи помеѓу континенталните земји во регионот. Тоа ќе придонесе да биде остварен и значаен девизен прилив, при што само во првиот квартал од годинава во државната каса имало прилив од деведесет и два милиони американски долари...

Веќе нема дилеми дека туристичкиот сектор годинава ќе забележи значителен раст. Тоа го потврдуваат и статистичките податоци кои говорат дека во првиот дел од годината има зголемување на бројот на туристите за 25 проценти, а уште позначаен е забележаниот пораст кај странските туристи за над 40 проценти. Според тие податоци нашата земја е најуспешна во тој сегмент од туризмот споредено со континенталните, но и некои приморски држави во регионот.

„Еве само за споредба ќе кажам дека во Србија во истиот период порастот на туризмот е само за 17 проценти и ако го споредиме соодносот меѓу странските и домашните туристи таму порастот на странските туристи изнесува 33 проценти, но порастот на домашните е 5 проценти“, изјави проф. д-р Иванка Нестороска-Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Оствареното само во првиот дел од годината значително ја наполни државната каса, а од јули до декември се очекува резултатите да бидат уште подобри.

„Ваквиот зголемен број на странски туристи позитивно се одразува и на учеството на туризмот во бруто домашниот производ. Со тоа што според официјалните податоци коишто се објавени само во првиот квартал ние веќе имаме прилив во касата од 92 милиони американски долари, што во споредба со 2022 е пораст од 19 проценти“, рече проф. д-р Иванка Нестороска-Факултет за туризам и угостителство.

Но, не сите се задоволни од состојбите во туризмот.

Она што најмногу забележуваат домашните туристи и охриѓани беа високите цени на угостителските услуги, но според експертите тоа е тренд во целиот регион.

Високите температури и во септември привлекуваат голем број туристи на брегот од езерото, поради што експертите кои прогнозираа дека ќе се надмине рекордната 2019-та година сè уште остануваат оптимисти дека нивните предвидувања ќе се исполнат.

 

Сашо Нелоски