ОН

ОН: Глобалната глад денес е поголема отколку во 2015

16.09.2023 12:56

Обединетите нации алармираат, глобалната глад е поголема отколку во 2015 година. 2,4 милијарди луѓе, биле умерено или сериозно несигурни во снабдувањето со храна во изминатата година. Гладот најмногу расте во субсахарска Африка. Пандемијата и војната во Украина значително ја смени економската слика...

Глобалната глад денес е поголема отколку во 2015 година, тврдат во Обединетите Нации. На половина од крајниот рок поставен за исполнување на Агендата за одржлив развој до 2030 година, има мало или никакво подобрување кај зацртаните цели поврзани со храната и земјоделството. 2,4 милијарди луѓе, биле умерено или сериозно несигурни во снабдувањето со храна изминатата година. Неухранетоста е најлоша на глобалниот југ, а гладот најмногу расте во субсахарска Африка.

„Земјите-членки го изразија своето цврсто уверување дека основните животни потреби – образование, здравство, пристојна работа, социјална сигурност, соодветен животен стандард, слобода од гладот и уживањето во науката и културата – не се услуги или стоки, туку човекови права што треба да ги уживаат сите“, изјави Волкер Турк-Висок комесар на ОН за човекови права.

Пандемијата и војната во Украина изминативе значително ја смени економската слика кај поголемиот дел од државите во светот. Земјите во развој и натаму се меѓу најпогодените од зголемена инфлација и нестабилни цени на прехранбените производи. Увозот од најголемата житница во Европа и натаму камен на сопнување меѓу земјите-членки на ЕУ. Европската комисија реши да не го продолжи ограничувањето за увоз на четири видови украински земјоделски производи, но ја обврза Украина да воведе мерки за контрола на извозот. Полска, Словачка и Унгарија сепак воведоа забрана за увоз на жито од Киев.

„Имав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Рестриктивните мерки против нашиот земјоделски извоз од страна на Европската унија се откажани. Сега, важно е европското единство да функционира на билатерално ниво – со соседите. Европа секогаш победува кога договорите функционираат и се одржуваат ветувањата. Па, ако одлуките на соседите не се соседски, Украина ќе одговори цивилизирано“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Рускиот претседател Путин во јули на самитот Русија-Африка во Санкт Петербург им вети бесплатни житарки на Буркина Фасо, Зимбабве, Мали, Сомалија, Централноафриканска Република и Еритреја. Како и поголемиот дел од светот, така и африканските земји изразија загриженост по раскинувањето на договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море. Откако Москва се повлече од договорот, ЕУ воспостави копнени, односно солидарни патишта.

 

Маријана Димовска