Здравство

Коронавиросот се шири во регионот, во земјава состојбата е стабилна

16.09.2023 15:31

Варијанти на Ковид-19 заедно со сезонските вируси. По летните одмори зголемен бројот на заразени. Лекарите велат – ситуацијата е очекувана, се следи како ќе прогресира...

Варијанти на Ковид-19 заедно со сезонските вируси. По летните одмори зголемен бројот на заразени. Лекарите велат дека ситуацијата е очекувана но и дека се следи како ќе прогресира.

„Осцилација е, така наречен нагорен раст, тренд кој е очекуван. Секоја година ни се јавува раст поради блиските контакти. Статистиката се следи, колку се заболени и каква симптоматологија, кои заболени од кој регион се, значи мораме и тоа да го следиме за да можеме да направиме анализа кој е ризикот да се прошири заболувањето, од каде доаѓа“, изјави д-р Сашко Олумчев.

Олумчев потсетува дека во светот е направена и моновалентна вакцина, која најверојатно ќе се користи на ист принцип како и онаа за сезонски грип.

„Во моментот е направена моновалентната вакцина, колку ќе биде ефикасна не знаеме, меѓутоа секако ќе биде подобро нешто отколку ништо, како што нели се случува и со вакцините за грип. Еднаш во 10 години можеби нема да се погоди таа комбинација на антигени која во моментот циркулира, меѓутоа сепак, ќе даде еден вкрстен имунитет“, изјави Д-р Сашко Олумчев.

Многу од заразените и не се тестираат, но доктор Олумчев вели дека државата има набавено доволно тестови. Статистиката покажува дека подваријанти на Ковид-19 се шират во многу делови од светот, но засега нема место за паника бидејќи населението има стекнато имунитет.

 

 

Катерина Топалова