Протест на Кожуф во Гевгелија против изградба на мини хидроцентрали
Не сакаме на река Дошница на планината Кожуф да се градат мини хидроцентрали. Вака порачаа еко-активистите од протестот на „Смрдлива вода“, кај Гевгелија кои се противат на изградба на хидроцентралите. Од Владата, соопштија дека дозволите се дадени пред седум години и ако се раскине договорот, ќе се плаќа пенали но сепак ќе го слушнат мислењето на граѓаните...

Еко-активисти од Гевгелија, Кавадарци и Неготино се собраа на „Смрдлива вода“ на Кожуф и со протест го изразија своето незадоволство и револт од најавената изградба на мини хидроцентрали на реката Дошница. Според нив со евентуална изградба на мини хидроцентралите ќе се наруши биодиверзитетот на планината Кожуф која е основа за развој на туризмот. Потенцираа дека на локалитетите „Баров Дол“ и „Папради“ со поставувањето на цевки во должина од 100 мети за малите хидроцентрали ќе се уништи и растителниот и животинскиот свет.
Премиерот Димитар Ковачевски неодамна во Гевгелија кажа дека дозволите за изградба на хидроцентрали биле издадени пред речиси седум години и дека раскинувањето ќе значи плаќање пенали и обесштетување на инвеститорот.
Сепак премиерот кажа дека како демократска Влада, ќе ги сослуша граѓаните и согласно со тоа ќе се носат одлуките за изградба на мини хидроцентрали на река Дошница на планината Кожуф.
Ване Трајков
