Половина од социјалните станови во Струмица и Гевгелија – празни
Половина од становите од социјалните згради во Струмица и Гевелија се празни. На распишаните конкурси и во двете општини не се јавија доволен број на домакинства кои ги исполниле условите. Министерот Благој Бочварски, подвлече дека конкурси нема да се распишуваат туку заинтересираните може да аплицираат до станбената комисија при Влада.

Половина од социјалните станови во Струмица и Гевгелија наменети за ранливите групи граѓани кои ги изгради државата се празни. Во Струмица во социјалната зграда 20 станбени единици се празни. Слична е состојбата и со социјалната зграда во Гевгелија. Од вкупно 52 стана во социјалната зграда по објавен конкурс, клучеви добија само 28 семејства. Нови конкурси ќе нема туку ранливите категории граѓани ќе може само да се пријавуваат објасни министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Становите се наменети за деца без родители над 18 години, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост, самохрани родители со малолетни деца и лица од Ромската заедница социјално загрозени.
Околу 3 милиони евра чинат социјалните згради во Струмица и Гевгелија а власта соопшти дека досега се изградени околу 860 станови наменети за социјално ранливи категории граѓани.
Ване Трајков
