По големите поплави, хуманитарна катастрофа и се заканува на Либија
Хуманитарна катастрофа и се заканува на Либија по големите поплави. Расте бројот на жртви, 400 тела се пронајдени во близина на градот Дарна. Светските организации предупредуваат на опасност од ширење на заразни болести...

За многу жители на Либија, колективната тага стана повик за национално единство по години минати во конфликти и поделби. За заканата од хуманитарна катастрофа, Либијците не гледаат вина единствено во климатските промени, туку и во луѓето на власт. Спасувачки тимови и натаму наоѓаат тела на загинати во погодените подрачја. Бројот на жртви е сè поголем.
„Она што се случува кај нас од 2011 година до сега е поради луѓето на власт. Владетелите се неправедни. Она што се случи во Дерна доведе до обединување на луѓето против болката“, изјави Мохамед Ал-Храри-жител на Триполи.
„Иако е голема трагедија, сепак народот го покажува степенот на сочувство и љубовта, силната човечка врска меѓу нив. Сите градови, во западниот и јужниот регион, одговорија на повикот за својот народ на исток на Либија“, изјави Ибрахим ал-Сунвиси-новинар од Триполи.
„Во однос на поплавата во Дерна, во неа го видовме националното единство и љубезноста. Тие даваат примери на солидарност, братство и подавање рака за помош“, изјави Абделвафи Загрун-жител на Триполи.
Здравствените организации предупредуваат на опасност од ширење на болести. Се испитува водата. Стартува кампања за вакцинација и се интензивираат програмите за ментално здравје за преживеаните.
„Почнуваме со давање различни вакцини. Има три целни групи. Првата категорија се тимовите за ексхумација, втората се работниците во здравствениот сектор кои исто така се изложени на сите извори на заарза и третата категорија се децата од една до 15 години“, рече Отман Абдулџалил-министер за здравство на Источна Либија.
Конвои со хуманитарни материјали и храна секојдневно пристигнуваат во погодените подрачја.
„Ја собираме помошта во нашиот дистрибутивен центар а потоа да распоредуваме според потребите на семејствата“, изјави Ахмед Бингези-волонтер.
Светот во изминатата декада се соочи со низа природни катастрофи предизвикани од клоиматските промени. Поплави, пожари и земјотреси однесоа десетици илјади жртви. Спасот на Планетата, тема и на 78. Собрание на ООН во Њујорк.
Маријана Димовска
