На Детска клиника почина двегодишно дете позитивно на коронавирус
Варијанти на Ковид-19 заедно со сезонските вируси. По летните одмори зголемен бројот на заболени. Лекарите велат – нема простор за паника, состојбата е очекувана. Од Клиниката за детски болести велат – двегодишно девојче кое почина од Ковид, имало коморбидитети...

Двегодишно дете почина на Детската клиника, позитивно на ковид со повеќе коморбидитети. Смртта настапила во Ургентниот центар на Клиниката за детски болести, а детето било примено во вчера наутро како итен случај од Битола и интубирано. Според директорката на Клиниката, доктор Стојка Нацева Фуштиќ ковид не е причина за лошиот исход, иако брзиот тест за ковид бил позитивен кај детето а негативен кај мајката.
„Се работи за дете кое има хронична белодробна болест, односно белодробна хипертонија која е дијагностицирана во Германија. Она што има пропратно во извештаите од Германија е дека има ларинготрахеомаласија која дополнително го отежнува протокот на воздухот и нотирано е во извештаите дефект на срцето.“, изјави Стојка Нацева Фуштиќ – директорка на Клиника за детски болести
Двегодишното дете од Ресен, првично било хоспитализирано во Битола па препратено за Скопје. Заради позитивниот тест на Ковид, детето било примено на интензивна терапија во стационарниот дел на ургентната амбуланта. Лабораториските испитувања покажале нарушена коагулација и високи д-димери.
„После пола час обиди да се реанимира, реанимацијата е безуспешна, така што детето после 13 часа престој на клиника завршува со лош исход“, рече Стојка Нацева Фуштиќ – директорка на Клиника за детски болести.
Нацева Фуштиќ за МТВ вели дека на Клиниката за детски болести во моментот нема други пациенти позитивни на Ковид.
Катерина Топалова
