Претседателката на Европската комисија во посета на Лампедуза по напливот на мигранти
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерката Мелони ги обиколија објектите на островот Лампедуза, на кој изминатите денови имаше зголемен прилив на мигранти...

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерката Мелони ги обиколија објектите на островот Лампедуза, на кој изминатите денови имаше зголемен прилив на мигранти. Презентиран акционен план за поддршка на Италија во справувањето со вонредната состојба и начинот за брзо враќање на мигрантите кои немаат право на азил.
„Илегалната миграција е европски предизвик кој бара европски одговор. Во ова сме заедно. ЕУ мора да ги зајакне правните рути и хуманитарните коридори за мигрантите со цел да ги обесхрабри нерегуларните преминувања. Ние, а не криумчарите ќе решаваме кој влегува во европската заедница и под кои услови“, изјави Урсула Фон дер Лајен – претседателка на ЕК.
Претходно, Рим побара помош од Брисел со протокот на мигранти. Според италијанската влада, тоа не е „солидарност“, туку „одговорност“.
„Ако некој во Европа мисли дека соочени со глобалната криза, прашањето може едноставно да се реши со затворање внатре во италијанските граници, очигледно би бил слеп. Се соочуваме со толку голем број на мигрантски движења. Ако не се работи сериозно и ако заедно не се бориме против илегалните премини, бројките на оваа појава ќе ги заземат прво земјите на границите, а потоа и сите други“, изјави Џорџа Мелони-премиерка на Италија.
Поради близината со тунискиот крајбрежен град Сфакс, Лампедуза е една од главните дестинации за мигрантите кои се обидуваат илегално да стигнат до Европа од Северна Африка. Прифатниот центар на островот е преполн. Многу од луѓето се префрлени на Сицилија или на копно, што го намали притисокот врз островот. Повеќе од 127.000 мигранти пристигнаа на италијанскиот брег од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе од истиот период во 2022 година.
Билјана Јанакиеска
