Литература

Промоција и разговор со словенечкиот писател Драго Јанчар

18.09.2023 09:08

Промотивниот разговор ќе се однесува на романите „Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“, кои се објавени на македонски јазик под импринтот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“...

Вечерва, во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“, издавачката куќа „Арс Ламина“ организира промотивен разговор со словенечкиот писател Драго Јанчар, кој ќе престојува во Скопје, во рамките на меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“.

Промотивниот разговор ќе се однесува на романите „Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“, кои се објавени на македонски јазик под импринтот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“.

Драго Јанчар е еден од најпознатите современи словенечки писатели, гласен политички критичар и граѓански активист. Добитник е на престижните награди „Прешерн“, „Кресник – за најдобар роман на годината, „Хердер“ и европската награда за литература. Неговиот драмски текст „Големиот брилијантен валцер“ е поставен во Македонскиот народен театар во Скопје во 1986-та година и во Народниот театар во Прилеп во 1990-та. Од 1995-та година е член на словенечката академија на науките и уметностите.