Богов: Стабилни институции за добра економија

25.05.2014 12:27

Нема некое посебно правило за тоа колкав треба да биде растот за повеќе да се почувствува, туку клучно е дали тој раст креира нови работни места и дали се зголемува продуктивноста...

Економијата бара мирен амбиент, стабилни и предвидливи услови за работа и стабилни институции коишто функционираат. Најдобро е сите политички битки да се водат во рамките на институциите, бидејќи кога не е така странските инвеститори не се чувствуваат толку сигурни, вели гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, во интервју за радиото „Слободна Европа“.
 
Тврди дека директните ефекти од кризата во Украина не се толку големи, зашто нашата економија не е многу поврзана со украинската.
 
Ние водиме политика на стабилен курс на денарот и преку тоа одржуваме макроекономска стабилност во македонската економија. Девизните резерви имаат во текот на годината некој сезонски тренд. Првиот квартал обично имаме нето интервенции на девизниот пазар, затоа што понудата на девизи е помала од побарувачката. Но, веќе тој тренд се менува и од април имаме обратен тренд и Народна банка се појави и како купувач на вишокот девизи на девизниот пазар, вели Димитар Богов.
 
Очекуваме девизните резерви да се стабилизираат на ова ниво, дури и малку да пораснат до крајот на годината, а во 2015-та  позначајно да се зголемат, односно акумулираат, најавува гувернерот Богов во интервјуто за радиото „Слободна Европа“.