Опасност од ширење на болести по поплавите во Либија, почнува вакцинацијата
Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Либија. Здравствените организации ја стартуваа кампањата за вакцинација во погодените подрачја. Постои голема опасност од ширење на колера. Апели за итна помош и поддршка на населението …

Жителите на Дерна, кои ги преживеа смртоносните поплави во источниот либиски град сведочат за ужасот кој го виделе во само 10 минути.
„Ги однесовме семејствата од првиот кат на четвртиот кат. И тогаш видовме како зградите лебдат. И ја видовме Дерна целосно потопена. За само десет минути, градот потона“, изјави Абдул Салам Анвиси, преживеан од поплавата во Дерна.
Во моментов 30.000 луѓе се раселени. Организациите стравуваат дека доколку час поскоро не се преземат мерки, постои опасност од ширење на болести во земјата. Се погласни се апелите за помош. Колерата и дијарејата се последиците од катастрофата.
„Не можам да објаснам што видов на патот кон Дерна. Располовени патишта. Видов масивни карпи кои се преместени од соседните планини во крајбрежните области. Домовите се урнати, оштетени, потопени. Семејствата ги изгубија своите најблиски. Многумина сè уште се водат како исчезнати. Екипите за спасување продолжуваат со напорите да спасат животи. Потребна е поголема поддршка“, изјави Рана Ксаифи, шеф на УНХЦР Либија.
Почна кампањата за вакцинација и се засилија програмите за ментално здравје на преживеаните. Либиската Влада на национално единство објави дека од 17 земји пристигнале 38 авиони за помош во погодените подрачја.
„Еден од главните предизвици е организирање на целата помош што пристигнува. Во здравствените сектори има потешкотии. Ќе треба многу организација. Ќе се фокусираме на тоа во наредните денови и недели“, изјави Клер Николет-портпарол на „Лекари без граници“.
Бројот на загинатите во поплавите во Либија и натаму расте. Но неволјата никогаш не оди сама. Во судар помеѓу грчкиот спасувачки тим и автомобил загинаа неколкумина.
Маријана Димовска
