На фронтот жестоки битки, Киев и Москва пред судот во Хаг
Украина ја почна правната битка против Русија во Хаг. До 27-ми септември судски рочишта и сослушувања за тужбата на Киев против Руската Федерација за наводите за геноцид што ги искористи Москва за да ја оправда специјалната воена интервенција во 2022-та. И додека трае правната разврска, на терен се водат жестоки битки. Продолжуваат гранатирањата од двете страни…

Војната во Украина добива нови димензии. Дрон со експлозивна направа, со засега непотврдено потекло падна на бугарското приморје во Тујленово. Бугарските власти почнаа со истрагата, сè уште не е познато дали беспилотното летало се урнало од воздух или пак, е рачно теледиригирано.
„Знаеме дека Русија ги бомбардира украинските пристаништа кои се на само неколку стотици метри од територијата на Романија. Има случаи со паднати остатоци од дронови и друга муниција на романска територија. Немаме причина да веруваме дека ова ќе нè заобиколи. Постојат ризици за Бугарија“, изјави Тодор Тагарев, министер за одбрана на Бугарија.
Изутрина, Украина ја почна правната битка против Русија во меѓународниот суд на правдата во Хаг. До 27-ми септември, судски рочишта и сослушувања за тужбата на Киев против Руската Федерација за наводите за геноцид што ги искористи Москва за да ја оправда специјалната воена интервенција во 2022-ра година.
Киев смета дека Москва го крши меѓународното право и бара судот да и наложи на Русија да ја запре инвазијата и да плати репарации. Кремљ пак, тврди дека судот нема јурисдикција да го разгледува случајот и бара да биде отфрлен.
И додека трае правната разврска во меѓународниот кривичен суд, на терен се водат жестоки битки. Продолжуваат гранатирањата од двете страни. Киев објави дека освоиле стратегиски важно село во близина до Бахмут, клучно во заземањето на градот.
„Ја ослободивме населбата Клишчиивка, регионот Доњецк, од руските окупатори. Непријателот не престанува со обидите да го преземе користејќи ги сите достапни методи на артилериска агресија, но ние стоиме цврсто и самоуверено затоа што ова е наша земја“, изјави украински војник.
„Би сакал да ги поздравам воините кои постепено ја враќаат територијата на Украина во областа Бахмут. Добро сторено“, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Напади се забележани и на руска територија, властите собориле две беспилотни летала над Крим и едно над регионот Белгород.
Бојана Крстевски
