Руско-украинскиот конфликт добива нови димензии
Дрон со експлозивна направа, со засега непотврдено потекло падна на бугарското приморје во Тујленово. Изутрина во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Украина ја почна правната битка против Русија. Продолжуваат гранатирањата од двете страни...

Војната во Украина добива нови димензии. Дрон со експлозивна направа, со засега непотврдено потекло падна на бугарското приморје во Тујленово. Бугарските власти почнаа со истрагата, сè уште не е познато дали беспилотното летало се урнало од воздух или пак, е рачно теледиригирано.
„Знаеме дека Русија ги бомбардира украинските пристаништа кои се на само неколку стотици метри од територијата на Романија. Има случаи со паднати остатоци од дронови и друга муниција на романска територија. Немаме причина да веруваме дека ова ќе нè заобиколи. Постојат ризици за Бугарија“, изјави Тодор Тагарев министер за одбрана на Бугарија.
Изутрина во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Украина ја почна правната битка против Русија. Киев обвинува дека Москва ја злоупотребила конвенцијата за геноцид за да ја оправда својата инвазија минатата година. Русија, пак, украинскиот случај го нарече „злоупотреба на процесот“ и побара да биде отфрлен бидејќи според рускиот претставник, истребувањето 9 години го врши Украина.
„Според законодавството на судот, не може да се додели надлежност во барањата на Украина. Во спротивно, одлучувањето ќе биде поинакво од ставот што го зазеде судот во случајот со Југославија“, изјави Генадиј Кумиин, назначен амбасадор на Министерството за надворешни работи на Руската федерација.
Утре се сослушува украинската страна, судското рочиште ќе трае до 27-ми септември.
На теренот во Украина се водат жестоки битки. Продолжуваат гранатирањата од двете страни. Киев објави дека освоиле стратегиски важно село во близина до Бахмут, клучно во заземањето на градот.
„Ја ослободивме населбата Клишчиивка, регионот Доњецк, од руските окупатори. Стоиме цврсто и самоуверено затоа што ова е наша земја“, рече украински војник.
„Би сакал да ги поздравам воините кои постепено ја враќаат територијата на Украина во областа Бахмут. Добро сторено!“- изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Напади се забележани и на руска територија, властите собориле две беспилотни летала над Крим и едно над регионот Белгород.
Бојана Крстевски
