аерозагадување

Локализиран пожарот на депонијата кај Добарце, воздухот во тетовско екстремно загаден

18.09.2023 14:07

На зима се дише екстремно загаден воздух, но во летниот период состојбата во тетовско е уште полоша со аерозагадувањето, пред сè поради пожарите на дивите депонии. Пожарот на депонијата кај Добарце, Општина Желино е локализиран, но не е целосно ликвидиран. Во регионот горат уште две диви депонии...

Тетовските пожарникари повеќе од една недела се бореа со пламените јазици на дивата депонија во Добарце. Се истураше вода, но бадијала, пожарот, вели командирот Авни Амети, се локализираше дури утринава со посебен хемиски препарат. Состојбата сè уште треба да се следи, а денеска се очекува целосно да се ликвидира.

Но, освен од оваа, низ Тетово се шири чад и смрдеа од други две депонии лоцирани во селата Селце и Ѓермо.

Дивите депонии ги има во секоја општина. Се дава дозвола да се претовара сметот, но работат без стандарди, како оваа во атарот на село Добарце

Од Општина Желино, велат дека во 2017-та година на концесионерот кој управувал со депонијата му е одземена дозволата за менаџирање, оти не ги исполнувал стандардите.

Оттаму велат дека наскоро ќе се започне и со отстранување и транспортирање на сметот од депонијата.

Тетово и минатиот месец се задушуваше во густ црн чад, откако се запали депонијата кај тетовска Волковија, каде концесионерот имал дозвола да депонира цврст отпад, но таложел разновиден комунален смет. Сопственикот доби парична казна, а тетовци неколку дена дишеа екстремно загаден воздух.

 

Зоран Димовски